
Компаниите ширум светот сè повеќе го менуваат својот став дека вештачката интелигенција може да замени голем број вработени, па затоа повторно вработуваат работници со цел да го подобрат своето работење.
Во исто време, инвеститорите сè повеќе се прашуваат колку е одржлив сегашниот бум на вештачката интелигенција на финансиските пазари.
Производителот на автомобили Форд е една од најновите компании што го промени курсот. Компанијата, според медиумските извештаи, повторно вработува стотици искусни инженери за да ги реши проблемите со квалитетот што автоматизираните системи не успеаја да ги решат.
„Вештачката интелигенција е одлична алатка, но е добра само колку што е добар квалитетот на податоците на кои е обучена“, рече Чарлс Пун, потпретседател на Форд за инженерство на хардвер за возила.
Commonwealth Bank of Australia (CBA) и софтверскиот гигант IBM се меѓу компаниите што се откажаа од плановите за намалување на работната сила поради поголема употреба на вештачка интелигенција.
Минатата година, CBA отпушти повеќе од 40 вработени во служба за поддршка на клиенти и ги замени со гласовен бот со вештачка интелигенција. Сепак, системот не ги исполни очекувањата, што доведе до зголемен број повици и незадоволство кај корисниците, па банката одлучи да врати дел од отпуштените работници, објавува SEEbiz.
Австралискиот синдикат на вработени во финансискиот сектор оцени дека одлуката за враќање на вработените е „голема победа“.
Според извештајот на австралиската ABC, CBA признала дека при донесувањето на одлуката за отпуштања, не ги земала предвид сите релевантни деловни околности и дека проценката на потребниот број вработени требало да биде потемелна.
IBM имаше слична ситуација. Компанијата остави вештачка интелигенција да обработува околу 94 проценти од рутинските барања во секторот за човечки ресурси, но системот не можеше соодветно да ги реши преостанатите шест проценти од случаите, кои вклучуваа етички дилеми и посложени барања на вработените.
Затоа IBM објави план за тројно зголемување на вработувањето на почетни вработени во САД до 2026 година.
„Ако не продолжиме да инвестираме во вработување на млад персонал, што ќе се случи за три до пет години? Едноставно ќе ни снема луѓе“, изјави главниот директор за човечки ресурси на IBM, Никл Ламоро, на Самитот за вештачка интелигенција во Њујорк.
Овие примери го потврдуваат ставот на аналитичарот дека отпуштањето вработени, а воедно и потпирањето на вештачката интелигенција, не е нужно најдобриот пат кон раст на бизнисот.
Во извештајот на Intuition Labs се наведува дека многу фирми инвестирале во технологија за да ги заменат луѓето, но не инвестирале доволно во обука на вработените за работа со вештачка интелигенција.
„Многу компании кои брзо воведоа автоматизација подоцна се покајаа за отпуштањата бидејќи им снемаа луѓе потребни за надгледување на системите за вештачка интелигенција“, се наведува во извештајот.
Според истражувањето на Orgvue, 39 проценти од бизнис лидерите ги отпуштиле вработените поради воведувањето на вештачката интелигенција, но меѓу нив дури 55 проценти подоцна признале дека донеле погрешна одлука.
Џесика Жанг, виш потпретседател за Азиско-пацифичкиот регион во ADP, истакнува дека компаниите честопати мора повторно да го вклучат човечкиот надзор кога вештачката интелигенција произведува неточни или несигурни резултати.
„Ова може да доведе до дуплирање на работата, побавно донесување одлуки и послаб раст на продуктивноста“, рече Жанг.
Податоците од Роберт Халф покажуваат дека 32 проценти од американските менаџери за вработување елиминирале одредени работни места првенствено поради вештачката интелигенција, но подоцна повторно вработиле работници на исти или слични позиции.
На Технолошкиот универзитет „Капитол“ веруваат дека вештачката интелигенција го менува начинот на работа, но дека компаниите сè повеќе сфаќаат дека најголемата вредност ја носи соработката на луѓето и вештачката интелигенција, а не целосната замена на човечката работа.











