Позитивни оценки за капиталните инвестиции и деловната клима од ЕБОР

22

Капиталните инвестиции и деловната и инвестициска клима во Македонија позитивно се оценети од делегацијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Потпретседателот на ЕБОР, Фил Бенет, и регионалниот директор на Југоисточна Европа, Клаудио Виезиоли, истакнаа дека со капиталните инвестиции се создаваат услови за поефективно надминување на последиците од глобалните економски предизвици и се овозможуваат услови за економски раст и развој.

Досегашната соработка меѓу Македонија и ЕБОР е оценета како позитивна и истакната е заложба за продолжување на реализацијата на заедничките проекти, особено во делот на инфраструктурата.

На средбата меѓу претставниците на ЕБОР и премиерот Никола Груевски станало збор и за можноста за искористување на поволни финансиски инструменти кои во следниот период би биле пласирани од страна на ЕБОР, а наменети за малите и средните претпријатија во Македонија. Договорено е претставници на ЕБОР во текот на следната недела да извршат презентација на можностите и условите во врска со овие финансиски инструменти пред претставници на македонските компании.

Разговарано е и за поголемо промовирање на можностите што ги нуди воспоставувањето на моделот на јавно – приватно партнерство, особено во делот на инфраструктурата, како опција за ефикасна алокација на ресурсите и задоволување на потребите и на јавниот интерес.