Познати тројцата победници на натпреварот за млади претприемачи од Западен Балкан

78

dsc_0139-copy

Во организација на Британскиот Совет во Македонија и ЊуМенс Бизнис Акцелераторот изминатиов викенд (24 и 25 март 2017) во просториите на акцелераторот се одржа натпревар на 12 стартапи од Западен Балкан, и тоа од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, стои во соопштението.

Лидерите на старт – ап тимовите претходно посетуваа обука за креативно претприемништво реализирана од страна на британската агенција NESTA, а пред самиот натпревар учествуваа и во интензивна обука за презентациски вештини на старт – ап проекти изведена од страна на менторите од Њуменс, којашто им помогна да се претстават во најдобро светло пред членовите на жири комисијата. Жирито беше составено од: Ирена Чаушевска, соосновач и извршен директор на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот, Наталија Сандиќ, менаџер за програма, инвестиции и меѓународна соработка на Фондот за иновации на Србија и Ивана Станковиќ, менаџер за инвестиции на регионалниот фонд South Central Ventures во кој учество има и Европската банка за обнова и развој.

Најдобрите три старт – ап проекти беа наградени со вкупно 6.000 британски фунти односно 7.000 евра. Првото место му припадна на стартапот Хонорарци предводен од Страхиња Вукоичиќ, кој веќе е во функција, а ги таргетира сите оние кои можат и сакаат да ги понудат своите вештини во форма на хонорарна работа и има 15.000 корисници од Србија и над 30.000 добиени ангажмани, а е со планови за проширување и во регионот. Второто место го доби стартап проектот Audified Reality зад кого стои млад тим од Македонија предводен од Игор Кировски со визија да креира очила за луѓе со оштетен вид кои ќе им помагаат за снаоѓање во просторот но и за различни видови на активности. Третото место го освои Architecture платформа од Србија на чело со архитектот Драган Струњаш, која ќе помогне за поврзување на младите архитекти од регионот со индивидуалци, фамилии и компании кои имаат потреба за најразлични услуги од советување, до уредување на само една просторија до цели комплексни проекти.

Сите млади претприемачи за време на обуките и натпреварот добија значајни насоки за понатамошниот развој на нивните проекти како и за можностите за поддршка и финансирање што се на располагање во регионот и од институционални и од приватни извори на финансирање. Натпреварот го проследија и директорката на Британскиот совет во Македонија, Елеонора Запрова, како и координаторот на проекти Жарко Конески.