Преполовен процентот на небезбедна храна во Македонија

160

Large group of foodsНа вчерашната трибина во општина Гази Баба, дел од проектот Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната, беше изјавено дека процентот на небезбедна храна во Македонија е преполовен, од 5,3% во 2008 година на 2,4% во 2011.

Експертите велат дека е намален и бројот на заразни заболувања што се пренесуваат преку храната, од 20.309 во 2008 на 14.210 во 2010 година.

Пестидицидите и нивните резидуи, бактериите, вирусите, микотоксините, тешките метали, нитратите, нитритите и диоксините се најчестите и најтоксичните загадувачи на храната.

“Храната е примарен начин на експонирање на населението на дејството на пестицидите. Во секојдневната исхрана постои можност од појава на резидуи особено во овошјето и зеленчукот, во производите од животниско потекло па дури и во преработките. Остатоци од пестициди може да има и во водата за пиење”, предупреди прим. д-р Лидија Дамевска.

Миење раце, миење на зеленчукот и овошјето, на суровините пред подготовка на храната, чистење на приборот и просториите каде што се чува и преработува храната, читање на ознаките на производите, правилен избор при јадење надвор од дома, се само некои од препораките за заштита на потрошувачите во однос на правилната исхрана.

“Обврзно го проверуваме квалитетот на производот, дали она што е напишано на етикетите одговара на содржината. Досега не сме имале големи проблеми иако се случуваат секакви ситуации. Сепак, секогаш реагираме навремено и соодветно, се стопира секоја сомнителна пратка што не е соодветна за консумација”, рече Воислав Димитровски од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Проектот Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство со финансиска поддршка на Јапонската организација за меѓународна соработка JICA. Засега, со него ќе бидат опфатени општините Гази Баба, Кисела Вода, Штип, Прилеп и Гостивар, а доколку се обезбедат дополнителни средства, активностите ќе се прошират и во други општини.