Претседателот со семејството волонтираше за солидарно општество

33

По неколкумесечна пауза поради пандемијата на Ковид -19, од денеска продолжи проектот Волонтираме за солидарно општество.

Во активноста, денеска во Млади Хаб – Канцеларија на Претседателот се вклучи и претседателот Стево Пендаровски, заедно со семејството.

Заедно со волонтери од партнерските организации, тие подготвија хуманитарни пакети со прехранбени производи, средства за лична хигиена и за одржување на домаќинствата. Пакетите, во соработка со здружението на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци Љубезност и со здружението за хумано-општествен развој – Проект Среќа, ќе бидат распределени на семејства во социјален ризик, чијашто состојба дополнително е отежната поради кризата предизвикана од пандемијата на вирусот Ковид 19.

За оваа хуманитарна акција, овој пат донираа неколку компании, односно Пекабеско АД, Даути Комерц, Рудник Саса, ЕВН Македонија, Тинекс и Винчини.

Кабинетот на претседателот на Република Северна  Македонија ги повикува и останатите општествено одговорни компании да се вклучат со свој придонес, со цел во овие тешки денови да им помогнеме на ранливите категории на граѓани, на оние на коишто најмногу им треба поддршка.

Мотото на оваа иницијатива е Тука сме, ѝ служиме на заедницата, си помагаме едни на други!” #ТукаСме #ЕдниЗаДруги.