Прилеп се претстави пред италијанскиот бизнис сектор

20

Владина делегација изминативе три дена престојуваше на Саемот за збратимени градови, храна и традиција во Италија. За време на престојот македонската делегација оствари бизнис средба со претставници и инвеститори на бизнис секторот на Италија.
На средбата станало збор за можностите за инвестирање во Република Македонија и општина Прилеп.
Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, градот е динамичен и заедно во иднина можат да се изработат многу заеднички проекти. Може да се најде синергија за текстилот, интересен е секторот за мермер, претставување на индустриските зони како и влегување на градот Прилеп да стане дел од македонската бизнис – делегација во Италија.
Вицепремиерот Владимир Пешевски, заедно со членовите на делегацијата ги презентирале достигнувањата на Република Македонија во однос на креирањето на поволна бизнис- клима, мерките и реформите кои резултираа со привлекување на повеќе значајни инвеститори, како и фактот дека Република Македонија во континуитет го подобрува деловното опкружување.
Министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, пак, бизнис-средбата ја оцени како одлична можност да се претстават предностите за инвестирање како во Македонија, така и во Прилеп.
Македонската делегација ја предводеше Заменик претседателот на Влада на РМ задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, директорот на ДТИРЗ Виктор Мизо, Министерот за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески, Амбасадорот на РМ во Република Италија Велибор Топалоски, економскиот промотор на РМ во Република Италија Иван Илиев, градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, извршниот директор на Регионалната Стопанска комора Ристо Најдоски, како и претставници од општина Прилеп и претставници на бизнис секторот од фирмите Витаминка, Прилепска Пиварница, Дониа, Млекара Мики и Марфил.
Саемот на збратимени градови, храна и традиција траеше од 10 до 13 декември во Верона.