Проект Мое нај месо: Пилешкото од ЕУ e безбедно и без хормони

35

Заблуда е дека пилешкото месо содржи хормони. Се производува по сите стандарди, има висока хранлива вредност, малку маснотии, безбедно е, здраво, еколошки и економски исплатливо. Претставува природна, функционална храна која на пазарот се нуди по пристапни цени, брзо и лесно се подготвува, на најразлични начини, а консумацијата не е ограничена со какви било религиски бариери.

Според експертите, овие карактеристики му даваат огромна предност, а тоа е причина за постојано зголемување на побарувачката. Во Европа се трошат до 22 килограми пилешко по жител со тенденција на натамошен раст. Македонците јадат 17,3 килограми, Босанците 11,5, Србите и Црногорците по околу осум килограми.

“Поради економската природа, обработката на живинско месо е меѓу најперспективните во прехранбената индустрија. Воедно, софиситицираноста на производството не ја оптоварува животната средина. Во процесот се трошат четири до осум пати помалку ресурси, вода, добиточна храна, енергија“, рече Томи Румпф од Перутнина Птуј на денешната прес-конференција по повод проектот “Квалитетно, безбедно, следено – живинско месо со потекло од ЕУ“.

За да се добие еден килограм пилешко потребни се помалку од 1,8 килограми храна, додека за еден килограм говедско и свинско, осум, односно три килограми. По испилувањето, пилето тежи 40 грама, три дена подоцна двојно се зголемува, за една недела дури пет пати, а за еден месец 38 пати.

Македонија увезува околу 36.000 тони пилешко месо од кои 4.000 со словенечко потекло. Истражувањата покажуваат дека 29,7% од нашите потрошувачи купуваат цели пилиња, а 45,50% се одлучуваат за делови, батаци, стекови, крилца.

Проектот “Квалитетно, безбедно, следено – живинско месо со потекло од ЕУ“ ќе се спроведува следните три години во Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора и Косово. Целта е да ги убеди потрошувачите дека пилешкото месо се произведува по сите стандарди, дека е квалитетно, безбедно и здравствено исправно.