Проект на УСАИД за помала потрошувачка на енергија во македонската индустрија

23

zenta_solar_kolektor_700Во следните три години малите и средни претпријатија од Македонија кои се занимаваат со индустриско производство, ќе бидат таргет на УСАИД проектот за помала потрошувачка на енергија и намалување на емисијата на стакленички гасови.

Како што беше денес изјавено во Стопанската комора, проектот се спроведува со цел домашниот приватен сектор да стане значително поконкурентен.

Планирано е да се воспоставуваат системи за идентификација на критичните точки – местата каде што потрошувачката на енергија е голема, за да се направат заштеди што ќе ги намали производните трошоци. Со други зборови, ќе се спроведува систематски начин за заштеда на енергија преку управување/надгледување на енергијата во фирмите.

“Македонската економија е една од најенергетски интензивните во Европа што, меѓу другото, се должи и на користењето застарени технологии. Во оваа смисла мора нешто да се направи. Потрошувачката на енергија е се поголема, а цената на енергенсите, нафта, гас, постојано расте. Тоа има големо влијание врз фирмите кои, ако не се преориентираат нема да бидат конкурентни, ниту ќе се способни за производство”, рече Драган Блажев, директор на УСАИД проектот за индустриски менаџмент, за време на презентацијата.

Тој додаде дека Македонија нема доволно домашни ресурси за електрична енергија, а има потреба и од заштеда на енергијата.

“Примарната енергетска потрошувачка по единица бруто домашен производ во 2010 година била скоро четири пати повисока во однос на развиените земји од Организацијата за економска соработка и развој што е голем индикатор дека македонската економија е една од најенергетски интензивните во Европа и дека во овој контекст нешто треба да се направи. Во 2010-та финалната потрошувачка на енергија се зголемила за 11,5% што покажува дека потрошувачката се зголемува, а увозот на електрична енергија е во постојан пораст. Во 2011 година бил 34,5%, а лани 40,2 од вкупните потреби”, потенцираше Блажев.

Во 2010 најголема потрошувачка на енергија е забележана во металургијата, градежни материјали и индустрија за храна. Проектот за индустриски менаџмент почна да се реализира во јануари 2013, а ќе трае три години, а ќе чини 1,3 милиони долари.

Клучните цели на проектот се поголема конкурентност на фирмите преку намалување на потрошувачката на енергија, поголема енергетска сигурност, како и намалување на емисијата на стакленички гасови.

Ова е трето ниво на поддршка од УСАИД по проектите за формирање кластери, со што се овозможува на фирмите извознички излез на нови пазари.