Проектот Купи куќа, купи стан продолжува и следната година

44

Проектот за субвенционирани станбени кредити од државата – Купи куќа, купи стан продолжува и догодина.

“Граѓаните од шести до осми декември на саемот Купи куќа, купи стан, којшто ќе се одржува во Скопје Сити Мол, ќе можат на едно место да добијат информации од Министерството за финансии, банките што се во проектот и градежните компании и како да аплицираат за истиот“, најави министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Таа посочи дека со направените промени во проектот, значително се подобрени условите за граѓаните кои имаат потреба од поддршка од државата за да се стекнат со сопствен дом.

“Најголема поволност за граѓаните е намалувањето на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит и тоа: за моделите каде се субвенционира ратата од кредитот од страна на државата, каматната стапка се намали од 3,95% на 2,9%, додека за четвртата и петата година каматната стапка е намалена од 4,44% на 3,9%. И кај моделите каде се субвенционира учеството каматната стапка е намалена од 4,5%+Еурибор на 4%+Еурибор. Има нови модели, особено поволни за младите со возраст до и наполнети 35 години. За купување на стан, каде и интересот е најголем, субвенцијата на месечната рата е зголемена од 50% на 70%, ова значи дека во првите пет години од исплатата на кредитот, 70% од месечната рата ќе плаќа државата, додека корисникот на кредитот ќе плаќа само 30%. Исто така, зголемена е и субвенцијата за моделите каде се субвенционира учеството од 50% на 70%. Ова значи дека доколку корисникот на проектот го искористи овој модел, 70% од учеството од кредитот ќе му го плати државата“, рече Ангеловска.

Таа посочи дека дополнителна нова поволност во проектот е во насока на подигнување на наталитетот во земјата. За секое новородено или посвоено дете во текот на првите десет години од користење на кредитот, корисникот на кредитот добива дополнителна субвенција од 30% на ратата во текот на една година плус.

Ангеловска рече дека има голем интерес за проектот. Годинава има доделено 97 станбени кредити во износ од 3,6 милиони евра и доделена субвенција од 1,1 милион евра, а само последните три месеци има доделено 61 кредит. Од вкупно одобрените кредити годинава за млади се 48. За станови се 71 од одобрените кредити, а останатите се за куќи. Од апликантите 45% се жени, а 55% се мажи. Се очекува до крајот на годината да има околу 150 доделени кредити.

Средства за Купи куќа, купи стан има предвидено и во Буџетот за 2020 година.