Промена на план? Еве што ќе направи Шведска ако има втор бран на коронавирус

244

Откако изби пандемијата со коронавирус Шведска беше земјата која го привлече вниманието на светската јавност по тоа што не имплементираше строги мерки. Сега главниот епидемиолог на земјата изјави дека ако има втор бран, фокусот ќе биде ставен на намалување на ширење на вирусот.

На прашањето дали Шведска сега е подобро подготвена за потенцијален втор бран на инфекции со коронавирус, за кои некои експерти стравуваат дека може да се случи подоцна во текот на годината, главниот епидемиолог на Шведска, Андерс Тегнел, рече дека земјата е подготвена, пренесува CNBC.

“Дефинитивно да. Подобро сме подготвени на многу начини, здравството е подобро подготвено. Би се ангажирале повеќе во наоѓањето на контактите на заразените и би го имале имунитетот на населението, што ќе ги направи полесни работите на многу начини“, рече Тегнел.

Според Тегнел, приоритети на земјата се имањето добар систем за наоѓање на контактите на заразените лица и задржување на неодамна подобрените стандарди во старските домови. Тој додава дека Шведска подобрила многу работи, меѓу кои и мерките во старските домови и сега не гледаат многу случаи поврзани со нив, што е подобрување од претходно.

“Мислам дека е многу важно да бидеме способни брзо да се справиме со заразата во различни делови од Шведска за таа да не се шири премногу“, изјави Тегнел.

Додека вакцината за коронавирусот сè уште се развива, научниците разгледуваат дали изложеноста и закрепнувањето од Ковид-19 доведува до долгорочен имунитет.

Инаку, потегот кој го презема  Шведска им овозможи на компаниите да останат отворени, намалувајќи го ударот врз економијата на земјата.

Шведска досега регистрира над 54.000 случаи на заразени од вирусот и над 5.000 смртни случаеви.

Фото: Pixabay