Промоција на Овластен економски оператор во Струмица

35

Денес во Струмица се одржа работилница со цел промовирање на концептот за Овластен економски оператор (ОЕО) и неговото значење за економските оператори.

Настанот во организација на Царинската управа на Република Македонија во соработка со Проектот за УСАИД за регионален економски раст (USAID Regional Economic Growth Project – REG), е втора работилница и дел од активностите што Царинската управа ги спроведува во насока на градење на партнерски односи помеѓу носителите на политиките – Владата, Министерството за финансии, Царинската управа и претставниците на приватниот сектор што учествуваат во царинското работење и логистичкиот бизнис.

Економските оператори кои во голем број присуствуваа на работилницата во Струмица, имаа можност подетално да се запознаат со предностите од добивање на Статусот на ОЕО, што всушност претставува меѓународно признаена марка за квалитет. Стекнувањето на статусот ОЕО, претставува сертифицирање на трговското друштво како сигурен и безбеден партнер на Царинската управа и сигурен и безбеден партнер во меѓународниот и регионалниот синџир на снабдување. Економските оператори со статус на  ОЕО, во меѓународната заедница се препознатливи како кредибилен бизнис партнер.

За време на работилницата пред присутните се обрати и директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски, кој посочи дека ОЕО е клучна активност предвидена во Повеќегодишниот акциски план за регионална економска интеграција на земјите од Западен Балкан усвоен на Самитот во Трст. Воедно, ја искористи приликата да ги охрабри македонските компании да се здобијат со статус на Овластен економски оператор со цел да ги искористат придобивките и поволностите на одобрениот статус.

Со цел промовирање и користење на статусот на ОЕО во регионални и глобални рамки, Царинската управа, со поддршка на Проектот на УСАИД за регионален економски раст и во следниот период ќе организира вакви настани насочени кон запознавање на деловната заедница со концептот на ОЕО.