Просечна нето плата во овие дејности надминува 40.000 денари

66

Иако минатата година ја одбележа пандемијата и последиците што по себе ги остави не само од здравствен, туку и од економски аспект, сепак има дејности во земјава кои ги задржаа високите плати и во такви услови.

Во 2020 година, има повеќе дејности чија просечна исплатена нето плата надминува 40.000 денари.

Први се вработени во дејноста – снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 40.639 денари просечна нето плата во 2020 година. Зад нив се останати стручни, научни и технички дејности со просечна нето плата од 41.374 денари во пандемиската 2020 година. Третата позиција е резервирана за вработените во воздухопловниот транспорт со нето плата што лани во просек беше 42.116 денари. Потоа следуваат финансиско – услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови со 46.049 денари, а петти се вработените во производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати со 47.118 денари во 2020 година. Највисока нето плата во 2020 година, некако по традиција, имаат вработените во дејноста поврзана со информации и комуникации со 50.049 денари. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2020 година, изнесува 28.294 денари, додека во бруто износ е 42.227 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во  декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е зголемена за 5,4%.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Информации и комуникации (15,5%), Рударство и вадење на камен (10,5%) и Дејности на здравствена и социјална заштита (10%).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Информации и комуникации (14,4%), Финансиски дејности и дејности на осигурување (12,5%) и Рударство и вадење на камен (10,6%).

Фото: Pexels