Прв Македонско – полски бизнис форум на жени претприемачи

24

slika

Македонската мрежа на ментори во соработка со Министерството за Надворешни работи и Амбасадата на РМ во Варшава и ангажманот на Вршителот на работи Горица Атанасова Ѓоревска, во периодот меѓу 28 јуни до 1 јули 2017 г. во Варшава, Полска ќе реализира прв македонско-полски бизнис форум на жени претприемачи. Настанот произлегува како заедничка идеја на Македонската мрежа на ментори, раководена од Славица Николовска и Меѓународниот форум на жени од Полска, раководен од Ева Ижиковска Жимни, со поддршка на Министерствата за надворешни работи на двете земји и ентузијастичкото прифаќање и понатамошна реализација на идејата од страна на Амбасадата на РМ во Варшава. Целта на форумот е да се создадат поблиски економски контакти во насока на отворање на можности за економска соработка, промоција на македонскиот извоз во Република Полска, привлекување на потенцијални странски инвестиции од Полска, како и согледување на полските искуства од користењето на структурните фондови на ЕУ и можностите за заедничко настапување на компаниите од Македонија и Полска на двата пазари како и во трети земји, а сето тоа со фокус на жените претприемачи.

Програмата е резултат на заедничкиот интензивен ангажман на сите партнери вклучени во организацијата и истата ќе вклучи бизнис форум, повеќе средби и посети на партнер организации, компании, комори. На настанот ќе земат учество жени претприемачи, менаџерки, раководители и лидерки од Македонија и од Полска. Бизнис форумот, кој ќе се одржи во просториите во МНР на Полска, ќе го отворат надлежните претставници од директоратите за економска дипломатија Шпреса Јусуфи и Војчек Поникијевски. Воведно обраќање ќе има и вршителот на работи во Амбасадата во Варшава Горица Атанасова Ѓоревска, а на истиот ќе се обратат и Директорките на двете партнер организации Славица Николовска и Ева Ижиковска Жимни. На форумот ќе се презентираат неколку компании кои веќе имаат искуство со инвестиции и работат на македонскиот пазат и тоа ИТ компанијата Асеко која во Македонија е присутна повеќе години, како и туроператорот Рего-Бис, кој од оваа летна сезона започнува со првите туристички понуди и чартер летови на релација Катовице-Охрид. Ќе бидат организирани и повеќе Б2Б средби во насока на поврзување на компатибилни бизниси од двете страни. Во рамки на посетата ќе се остварат средби и контакти со раководството на Полско-Балканската комора во која членуваат полски фирми ориентирани кон регионот на Југоисточна Европа, со цел да се лоцираат можности за понатамошна соработка.