Пуштена во оптек кованата пара “Скорпија“ за колекционерски цели

46

skorpija

Кованата пара за колекционерски цели “Скорпија“ од серијата “Хороскопски знаци“ е пуштена во оптек, соопштуваат од Народната банка на Македонија.

Кованата пара “Скорпија“ на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: “Република Македонија“ и “10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2014“ и ознаката „Ag925“.

На реверсот, на левата страна е прикажана стилизирана слика на скорпија. На десната страна е претставено соѕвездие коешто му одговара на хороскопскиот знак Скорпија, насликано на вметнато кобалтно стакленце и опкружено со украс. На долниот дел, по должината на периметарот, е прикажано името на монетата на латински јазик, заедно со симболот на хороскопскиот знак Скорпија. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги симболот Скорпија, дел од украсот, како и нозете и опашката на скорпијата) се насликани со злато.

Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 21,00 г, чистота на среброто 19,43 г, во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованата пара “Скорпија“ изнесува 2.700,00 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.