Путин ќе забрани функционери да имаат сметки надвор од Русија

51

putinРускиот претседател Владимир Путин поднесе предлог закон до Парламентот со кој на функционерите им се забранува поседување на банкарски сметки и имот во странство, стои на интернет страната на Думата.

Со овој предлог закон им се забранува скоро на сите функционери, со исклучок на дипломатскиот и конзуларниот персонал, да отвораат и да имаат банкарски сметки во банки надвор од Русија. Во забраната ќе биде вклучено и поседување на хартии од вредност на странски компании.

Предлогот се однесува и на жените на функционерите и малолетните деца.

Законот треба да ја зајакне националната безбедност, да ги прошири инвестициите во руската економија и да ја подобри ефикасноста во борбата против корупцијата.

Путин претходно во едно свое обраќање изјави: “Како може да им се верува на функционери кои се залагаат за доброто на Русија, а своите пари ги чуваат во странство?”

Сепак, некои аналитичари ова го гледаат како чекор кон изолација на земјата.