Q – првиот полово неутрален глас во технологијата

110

Креативната агенција Virtue заедно со Copenhagen Pride го создаде првиот полово неутрален глас, со цел да даде едно ново гледиште во технологија, пишува Dezeen.

Неутралниот глас е наречен Q и е алтернатива за постоечките Siri, Alexa и Google Assistant, коишто се женски гласови и најчесто користени за улоги поврзани со услуги и совети.

Q може подеднакво да се користи и за машки гласови, коишто се употребуваат во апликации за банкарство и осигурување.

За да го создаде гласот, Virtue соработуваше со лингвистот и истражувач Ана Јоргесен од Универзитетот во Копенхаген. Прво беа снимени пет гласови, за коишто не беше означено дали се машки или женски. Истите потоа беа изменети со помош на специјален софтвер за неутрализирање на гласот.

Добиените гласови беа преслушани од 4.600 испитаници кои ги рангираа на скала од еден до пет колку звучат “машки“, а колку “женски“.

Откако тимот одбра еден глас, врз него се направија дополнителни измени додека не се добие финалната верзија на полово неутрален глас, одобрен и од испитаниците во истражувањето.

Фото: Pixabay