Расте продажбата на врвни вина на Тиквеш на домашниот и странските пазари

16

tikves-580x307

Винарската визба Тиквеш продолжува со позитивните резултати во сите сегменти од работењето. Бруто добивката за првото тромесечје од 2015 година достигна 97,6 милиони денари, што е зголемување за 6%, односно за 5,7 милиони денари во однос на истиот период од минатата година, покажуваат неревидираните финансиски резултати на компанијата за периодот од 01.01. до 31.03. оваа година, стои во соопштението од компанијата.

Растот на бруто добивката е резултат на зголемените приходи од продажба и тоа за 10% на домашниот и за 6% на странските пазари. Вкупните приходи се зголемени за 8% и достигнаа  231 милиони денари.

Зголемената оперативна добивка и пониските финансиски расходи за 23% и овозможија на винарската визба Тиквеш да забележи зголемување и на добивката од редовното работење за 7,7 милиони денари во однос на истиот период лани, достигнувајќи вредност од 12,5 милиони денари.

“Ваквите резултати ни овозможуваат да продолжиме со нашите планови за инвестиции во натамошна модернизација на процесите во винарницата и производство на врвни уникатни вина, како и на нивна промоција надвор од земјава, истовремено промовирајќи ја и Македонија како винска земја. Остануваме посветени на активностите за развој на винската култура и домашната винска индустрија.” Ова е коментарот на генералниот директор на винарската визба Тиквеш, Игор Илиевски, на објавените финансиски резултати за првиот квартал. Тој е оптимист дека успесите на компанијата ќе продолжат и во наредните квартали, доколку надворешните фактори, вклучувајќи ги и климатските услови за производство на грозје, овозможат реализација на плановите за зголемување на откупот од 20% во однос на лани, што би значело зголемување на производството и пласман на врвни вина.