Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа и РЕК Битола потпишаа меморандум за соработка

27

РЕЦ и Рударско-енергетскиот комбинат Битола вчера потпишаа Меморандум за воспоставување на стратешка соработка.

Потписниците на овој меморандум, извршниот директор на Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа со седиште во Будимпешта (РЕЦ), г. Михаил Димовски и директорот на АД ЕЛЕМ – РЕК Битола, г. Васко Ковачевски го потпишаа документот којшто има за цел заедничко спроведување на идни проекти што треба да го подобрат промовирањето на одржливата употреба на природните ресурси и заштитата на животната средина преку инвестирање во најдобрите распложливи “зелени” технологии и ефикасни оперативни практики.

РЕК Битола е најголем национален производствен капацитет на електрична енергија со своите три блока од по 233 MW и нето годишно производство од околу 1.200 GWh по блок. Другиот потписник  на овој документ, Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) пак, е една од најголемите меѓународни организации кои работат на полето на животната средина. Со потпишувањето на овој меморандум се очекува во иднина да се обезбедува помош за животната средина во Република Македонија и регионот на Југоисточна Европа.

Препознавајќи го значењето на пристапот кон енергијата и ефикасноста на ресурсите за заштита и подобрување на животната средина и ублажување на климатските промени, РЕЦ и РЕК Битола со овој Меморандум за соработка се обврзуваат на заедничка посветеност да ги намалат влијанијата од производствените капацитети, како и на заштита и унапредување на животната средина за сегашните и за идните генерации за стимулирање одржлив развој. Нивниот пристап особено ќе се стреми кон исполнување на приоритетните цели и стратегиските определби од инвестициската програма за периодот 2018-2020 на АД ЕЛЕМ – РЕК Битола.

Овие одговорности треба да бидат сумирани во следниве области: зголемено производство од обновливи извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност, модернизација на постојните објекти, воведување на еколошки технологии со намалување на емисии и усогласување со национални и ЕУ стандарди, и зголемена разнообразност на енергетските ресурси со зголемување на користење на природен гас.

Овие одговорности и практики се во чекор со меѓународните протоколи и обврски за намалување на емисијата на стакленички гасови (како протоколот од Кјото), но и за подобрување на конкурентноста на компанијата на пазарот на електрична енергија, имајќи ја во предвид претстојната либерализација на пазарот на електрична енергија.