Реплек прокнижи вкупна сеопфатна добивка од над 92 милиони денари во 2015 година

25

 

replek

Акционерското друштво Реплек на крајот на 2015 година прикажа вкупна сеопфатна добивка во вредност од 92.153.000 денари, покажува консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во период од први јануари до 31-ви декември 2014 година, Реплек оствари вкупна сеопфатна добивка од 83.955.000 денари.

Вкупните приходи од продажба на компанијата во текот на 2015 година беа на ниво од 810.972.000 денари, од кои на домашен пазар се остварени 412.636.000 денари, додека на странски пазар отпаѓаат 398.337.000 денари.

“Оперативните приходи се намалени за 28%, приходите од продажба на странски пазар се зголемени за 22%, а приходите од продажба на домашен пазар се намалени за 47% во однос на истиот период претходната година. Приходите од продажба на странски пазар имаат учество од 48% во вкупните оперативни приходи. Оперативните расходи се намалени за 33% во однос на истиот период од претходната година“, стои во Образложението кон неревидираниот консолидиран и посебен биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Главна дејност на компанијата е трговија на фармацевтски производи и медицинска опрема. Дополнително, компанијата во соработка со ланецот на маркети Хубо од Белгија поседува супермаркет за широка потрошувачка. Исто така, Реплек се занимава и со трговија на долна облека, трговија на расветни тела и со угостителство.