РЖ Институт со загуба од 58,8 милиони денари ја заврши минатата година

39

rz institut portfolio

РЖ Институт минатата година ја заврши со нето загуба во висина од 58,8 милиони денари, стои во Краткото образложение за работата на компанијата, објавено на Македонска берза.

“Кога на оперативната добивка ќе се вкалкулираат и искажаните финансиски расходи се добива нето загуба од 58,8 милиони денари. Истата ќе се покрие од акумулираната добивка од изминатите години, којашто изнесуваше 125,3 милиони денари“, стои во Краткото образложение.

Главни причини за остварената нето загуба во споредба со ланската година и со планираниот финансиски резултат, како што се наведува, се: недоволната финансиска ликвидност во којашто се наоѓаше компанијата, застои во работата на Макстил, одолговлекување на времетраењето на неколку проекти, поголемиот финансиски нето резултат и зголемената амортизација.

Оперативните приходи на компанијата во текот на минатата година беа 141 милиони денари, а оперативните расходи изнесуваа 148 милиони денари.

Во структурата на приходите од продажба најголемо учество имаат техничките и уметничките одлеаноци сдо 48%, потоа следат алуминиумските легури со пад од 17% во споредба со ланските 39%, потоа следуваат торкет маса со 14% и печен доломит со 10% учество во вкупните приходи од продажба на компанијата.

РЖ Институт произведува алуминиум и алуминиумски гранули, огноотпорни материјали за потребите на челичната индустрија, песоци за пескарање и за кочни систем, индустриска вар. Истражувачката дејност на компанијата вклучува истражување од областа на рударството и металургијата.