Почетна Новости САД бележат рекорден скок на БДП

САД бележат рекорден скок на БДП

34

Бруто домашниот производ на САД (БДП) скокнал за рекордни 33,1% во третиот квартал во споредба со истиот период минатата година, според првите проценки на Министерството за трговија.

Ова е најбрз раст на економијата на САД од 1947 година, кога владата започнала да собира податоци.

На квартално ниво, најголемата светска економија пораснала за 7,4%, според првите проценки на Министерството за трговија.

Помеѓу април и јуни, БДП на САД потонал за рекордни 31,4% на годишно ниво и на 9% од првите три месеци од оваа година, бидејќи владата нареди да се затворат компаниите, а граѓаните да останат дома.

Првите проценки за третиот квартал сведочат дека економијата во голема мера ги надомести огромните загуби забележани среде првиот бран на пандемијата на коронавирусот.

Скокот на БДП во периодот од јули до септември го рефлектира, меѓу другото, и зголемувањето на личните трошоци за услуги, пред сè, здравствена заштита, достава на храна и сместување. Американците трошеле и повеќе на моторни возила и делови, како и на обувки и облека, се вели во извештајот на Министерството.

Сепак, ќе биде тешко да се ублажи човечката трагедија предизвикана од пандемијата на коронавирус, имајќи предвид дека десетици милиони Американци сè уште се без работа и повеќе од 222.000 граѓани починале како резултат на инфекцијата со коронавирус, забележува Ројтерс.

БДП на САД останува значително послаб отколку што бил пред пандемијата, а аналитичарите предупредуваат дека напредокот се забавува бидејќи САД повторно бележат нагло зголемување на бројот на нови инфекции.

Посебен извештај од Министерството за труд покажал дека минатата недела 751.000 граѓани поднеле барање за исплата на надоместоци за невработеност, 40.000 помалку отколку претходната недела. Тоа е значително помалку отколку во март кога рекордни 6,867 милиони граѓани поднеле барање.

Сепак, бројката е поголема отколку во најтешкиот период на големата криза од 2007 до 2009 година, кога достигнала 665.000.

Последните податоци за БДП внимателно се следат бидејќи тие се последниот важен економски показател пред претседателските избори на трети ноември.

Фото: Pixabay