Sagrada Familia доби официјална дозвола за градба по 137 години

172

Една од најпосетените eвропски градби, базиликата Sagrada Familia, по 137 години конечно доби официјална дозвола за градба од властите на Барселона. Незавршеното дело на архитектот Антони Гауди се очекува да биде комплетирано до 2026 година, односно на 100-годишнината од неговата смрт, пишува Dezeen.

Историското здание, коешто е под заштита на UNESCO, започна да се гради во 1882 година. За градбата да го добие својот финален изглед, според замислата на Гауди, Sagrada Familia ќе исплати 4,6 милиони евра на градот за дозволата. Освен таа сума ќе бидат исплатени и дополнителни 36 милиони евра за трошоците за градба што биле направени во текот на изминатите години.

Засега комплетирани се околу 70% од базиликата, односно осум од планираните 18 кули. Штом ќе се изгради финалната 170-метарска, централна кула, Sagrada Familia ќе биде највисоката црква во светот.

Конструкцијата се финансира од влезниците што милиони туристи ги плаќаат за да ја видат грандиозната градба.

Фото: Pixabay