Самит Македонија2025: Платформа за нови партнерства и за поддршка на домашните компании

47

Денеска официјално започна осмото издание на Самитот Македонија2025 со воведни поздравни обраќања од страна на Ана Арсов, претседавач на Самитот и член на Одборот на директори на Македонија2025, Вера Ставроф, претседавач на Одборот на директори на Македонија2025, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, Стево Пендаровски, претседател на Република С. Македонија, Зоран Заев, премиер на Република С. Македонија и Н.Е. Кејт Мари Брнс, Амбасадор на САД во Република С. Македонија.

Во фокусот на денешните панел дискусии беа иднината на работните места и вештините, културата на семејните бизнис, успешните приказни на македонските платформ компании, а особено внимание се обрна и на глобалните геополитички трендови и импликациите за регионот на Југоисточна Европа.

“Денеска е првиот официјален ден на Самитот Македонија2025. Зборуваме за теми што се важни за македонската економија и за напредокот на нашето општество. Вчера веќе имавме два прекрасни бизнис натпревари со брилијантни старт – ап идеи. Денеска презентираме успешни иновативни компании и наши млади кои веќе се дел од светската бизнис елита. Всушност, идејата на ова случување е да претставува платформа за нови соработки, можности и партнерства“, изјави проф. д-р. Никица М. Блажевски, Главен извршен директор, Македонија2025.

Ана Арсов, која е член на Одборот на директори и претседавач на Самитот Македонија2025, вели дека самата организација има за цел да го поттикне економскиот и лидерски развој на земјата. Сепак, примарна е поддршката за домашните компании – да им се понудат вистинските програми, контакти од дијаспората, како и можности за зголемена соработка со релевантните институции во земјата.

“Задоволни сме што имавме прекрасна средба со Азески, како Претседател на Стопанската комора на Македонија. Вчера имавме прилика да ја официјализиравме соработката преку потпишување на Меморандум за соработка. Идејата на овој Меморандум е да изградиме долгорочно партнерство, во насока на создавање на подобри услови за бизнисите, поддршка на нивната конкурентност и развој на економијата“, додава Арсов.

“Ние и досега имавме соработка со Македонија2025, меѓутоа сега станува збор за конкретни активности што заеднички ќе ги преземеме. За нас важно е што заокруживме една значајна мрежа од домашни компании и странски инвеститори со македонско потекло, што би инвестирале тука и во регионот. Денеска со нас на Самитот се значајни успешни Македонци од најразлични континенти. Потребно е нивниот потенцијал да го ставиме во наша функција и наредните години ќе бидат исполнети со конкретни проекти“, рече Бранко Азески, Претседател на Стопанска комора на Македонија.

Исто така, денеска, во склоп на денешната програма, а во контекст на една од главните теми – иднината на професиите и вештините, се одржа и настан Кодирање со Претседателот во просториите на Млади Хаб/ Канцеларија на Претседателот на РСМ, каде под менторската палка на Алис Стајнглас, претседател на Code.org и основач на Hour of Code, Претседателот ги покажа своите кодирачки вештини и докажа дека секој може да научи да кодира доколку сака. Ова не ѝ е прво вакво случување на Стајнглас, бидејќи таа во склоп на Hour of Code досега ги има подучувано и светски познатите Џастин Трудо, Барак Обама, Стеф Кари и многу други.

На Самитот ќе има вкупно 10+ панел дискусии со 50+ реномирани говорници од земјата и надвор, три засебни тематски сесии, повеќе интерактивни активности, коктели за вмрежување, како и иновативна B2B платформа преку која учесниците на Самитот ќе можат лесно и ефикасно да закажат состанок со останатите гости на настанот.