Се укинуваат придонесите за хонорарците од први август

23

Придонесите за хонорарците се укинуваат од први август 2015 година. Ваквото решение Владата го предложи откако анализите покажаа дека неколу мерки што во меѓувреме ги спроведе ги исцрпеа ефектите што се сакаа да се постигнат, пишува Миа.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска информираше дека законските измени за укинување на обврската за плаќање придонеси за здравствено и пензиско осигурување за договорите на дело, авторските договори и слични договори се донесени на седница на Владата.

“Измената што се предлага, односно укинувањето на плаќањето на придонесите за договорите на дело и авторските договори или популарно наречените хонорарци се прави од причина што со неколку други мерки на Владата се исцрпеа ефектите што сакавме да ги постигнеме“, рече министерот Ставрески.

Тој рече дека обврската за уплата на придонеси беа направени во функција на овозможување на лицата што се на договори на дела, авториски договори и други слични договори да можат да уплаќаат придонеси и со тоа да ги имаат решено прашањата на користење на услугите во здравствениот систем и кога ќе дојде време за пензионирање, исто така со уплатата на придонесите да имаат можност и да добијат пензија, но и да се зголеми нивото на пензијата.