Seavus организира бесплатни Java и .NET обуки

43

twitter_java

Како дел од Seavus Талент програмата, почнувајќи во март, компанијата Seavus ќе организира две бесплатни обуки за Java и .NET технологии во своите простории. Обуките се наменети за студенти запишани на студии за информатички и компјутерски науки, дипломирани или во последна година на студии.

Времетраењето на двете обуки е 14 работни дена, по 4 часа на ден со интерактивни предавања, вежби и работилници водени од Seavus експерти со години на искуство стекнато на проекти за реномирани ИТ компании. Изборот на учесници е по пат на технички тест (Java,.NET) и тест за познавање на англискиот јазик. Кандидатите кои ќе влезат во првата селекцијата, преку обуката ќе се стекнат со знаење и практично искуство кое ќе овозможи успешно развивање на функционални Java/.NET апликации. На крајот од обуката, најдобрите и најуспешни учесници ќе имаат шанса да се вработат како дел од Seavus тимот, стои во соопштението објавено на интернет страната на Seavus.

Facebook net

Java oбуката ќе биде поделена на два дела. Првиот дел се фокусира на детално изучување на Java програмскиот јазик и има за цел да објасни концепти како што се основните елементи на јазикот, работа со објекти, интерфејси, класи и методи, организација на класи и контрола на пристап, исклучоци (exceptions), влезни и излезни текови и конкурентност. Вториот дел се надоврзува на совладаниот материјал од првиот дел и продолжува со теми како што се работа со релациски бази на податоци и SQL, JDBC, и ОРМ (Hibernate), опфаќа концепти на веб-програмирање и завршува со напредна тема за автоматско тестирање на компоненти.

Обуката за .NET ќе ги обработи темите од областа на развој на софтверски процеси, алатки и архитектура; објектно-ориентирано програмирање во C#; развој на база на податоци во MS SQL Server; SPA со ASP.NET MVC; тестирање на компоненти, итн. Учесниците ќе ги истражат основните концепти и постепено ќе напредуваат кон напредни концепти кои ќе им овозможат да развијат еднострана апликација (Single-page application). Со учество во .NET обуката се стекнува пошироко познавање на .NET Framework и алатките за развој и тимска соработка и учесниците ќе можат да развијат апликации користејќи C#, MS SQL Server и JavaScript.

Двете обуки ќе започнат во месец март, во просториите на Seavus во Скопје, а сите заинтересирани студенти може да се пријават на http://www.jobs.seavus.com/hot-positions.aspx, за Java/.NET Trainee, најдоцна до 4 февруари 2015.