Сертификати за 120 обучени фармацевти на знаковен јазик

24

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, како и со Фармацевтската Комора на Република Македонија, реализираше проект за обука на фармацевти кои се стекнаа со сертификати за елементарно познавање на знаковен јазик.

“Сметам дека со овој проект ќе ја постигнеме целта, а тоа е реализирање на повисоко ниво на комуникација помеѓу фармацевтите и глувите лица и со самото тоа подобар квалитет на услугите што ќе им ги нудите на оваа група граѓани”, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов во своето обраќање пред присутните и истакна дека целта на проектот е да им се даде потполна поддршка на глувите лица, бидејќи тие се рамноправни граѓани на ова општество.

Тој додаде дека во наредниот период, до крајот на годината, следува обука по која со лиценци ќе се стекнат дополнителни 40 нови толкувачи, со што на оваа група лица ќе им се олеснат секојдневни потреби за комуникација со институциите и за три пати ќе се зголеми бројот на лиценцирани толкувачи.