Што е банкарска тајна?

394

Фото: Pixabay

Банкарска тајна претставува правна обврска на вработените во банката да ја чуваат тајната околу начинот на којшто работи банката или околу договорите и трансакциите што ги склучува со клиентите. Најчесто се однесува на личните податоци на клиентите, висината и видот на долговите што ги имаат, износот на депозити со коишто располагаат, што чуваат во сефот на банката, какви производи од банката користат…

“Документите, податоците и информациите што се стекнати при вршење на банкарски и други финансиски активности за поединечни лица и трансакции со поединечни лица, како и за депозитите на поединечните лица претставува банкарска тајна која банката е должна да ја заштити и чува“, стои во Законот за банките.

Оние лица во банката кои имаат посебни права и одговорности, акционерите и вработените во банката, како и лицата кои преку давање услуги на банката, имаат пристап до документите, податоците и информациите, се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица. Тоа се однесува на ревизори, службени лица вработени во централна банка кои имаат увид во чувствителните информации, како и државни службени лица што се дел од контролни и надзорни органи основани од страна на државата.

Банките, по правило, не се должни да ја чуваат тајната кога тоа чување може да им наштети или кога од комитентот се ослободени од обврската да чуваат тајна.