Што e девизeн курс?

1140

evra-dolari

Фото: Pixabay

Девизниот курс ја претставува цената на една странска валута изразена во домашна валута (на пример: 1 EUR = 61,6 MKD). Ова е директен начин на котирање на курсевите којшто се применува во поголемиот број земји, вклучувајќи ја и Македонија. Во земји како што е Велика Британија, девизниот курс се изразува како вредност на домашната валута изразена во странска валута (на пример 1MKD = 0,02 EUR).

Ова практично значи дека девизниот курс покажува колку единици од домашната валута треба да се платат за една или 100 единици странска валута.

Домашната валута на домашниот пазар не претставува стока, додека странските валути на домашниот пазар се третираат како и било која друга стока, а девизниот курс ја претставува нивната цена.

Основната задача на девизниот курс е да овозможи споредување на цените во земјата и во странство, што сигнализира за економските односи на една земја со странство. Поради тоа, девизниот курс има големо влијание на меѓународната трговија, а посредно на целокупните економски текови во една земја.

Девизен пазар

Како и сите други цени, девизниот курс се формира на пазар – девизен пазар. Девизниот пазар е местото каде што се среќаваат понудата и побарувачката на девизи. Учесници на овој пазар се: населението, економските субјекти, државните институции, банките и други финансиски институции, но и централните банки.

Понудата на девизи произлегува од: извоз на стоки и услуги, прилив на средства по основ на инвестиции во странство, тековни приходи од странство, прилив на странски капитал и намалување на девизните резерви на земјата. Од друга страна, побарувачката на девизи потекнува од: увоз на стоки и услуги, одлив на приход по основ на странски инвестиции во земјата, тековни расходи, одлив на капитал и зголемување на девизните резерви.

Девизниот курс е исклучително важен за секоја национална економија, па централните банки како монетарна власт се заинтересирани за висината и движењето на курсот и се појавуваат на девизниот пазар за продавање или купување на странски валути, со што директно влијаат на понудата и побарувачката на девизи.

Во пракса, многу мал број валути слободно флуктуираат, односно на нив не влијае интервенцијата на централните банки што ги емитуваат. Вообичаено се работи за многу силни светски валути, чија вредност е релативно стабилна, а на пазарот има голема понуда и побарувачка. Во поголемиот број земји девизниот не е слободно флуктуирачки. Кога курсот не флуктуира слободно, вишокот на понуда или побарувачка на девизи на девизниот пазар го “чистат“ централните банки, преку купување или продавање на девизи, со што се зголемуваат или намалуваат девизните резерви на земјата.

Видови на девизен курс

Основната поделба на девизните курсеви е на: фиксни и флексибилни. Првиот сегмент на девизни курсеви значи врзување на девизниот курс на домашната валута во однос на една или неколку странски валути.

Кај фиксниот девизен курс, централната банка настојува да ја одржува стабилноста на цените преку целосна контрола на движењето на вредноста на домашната во однос на странската валути.

Кај флексибилниот девизен курс вредноста на оваа валута се определува само со влијанието на понудата и побарувачката на домашниот пазар. Во светот не постои валута чија вредност е одредена само од понудата и побарувачката на девизниот пазар. Во случај на екстремно зголемување или намалување на вредноста на валутата, централната банка ќе треба да интервенира за да се стабилизира вредноста на домашната валута.

Развиените земји, со мали исклучоци, го прифатиле режимот на флуктуирачки девизни курсеви, додека недоволно развиените и земјите во развој се нашле пред проблемот на избор на адекватен валутен режим, со оглед на предностите и слабостите на режимот на фиксни и флуктуирачки курсеви. Во настојување да се избере најповолно решение, тие ги комбинираат позитивните страни на двата вида на девизни курсеви, обидувајќи се да ги избегнат нивните слабости.

Девизниот курс во Македонија

Нашата земја е една од оние коишто не можат слободно да се потпрат на понудата и побарувачката на девизи на девизниот пазар, па централната банка, согласно монетарната политика, интервенира за да се создаде потребната ценовна стабилност.

“Од април 1992 година до септември 1995 година НБРМ ја применуваше стратегијата на целење на паричната маса М1, како посредна цел на монетарната политика. Почнувајќи од октомври 1995 година наваму, НБРМ спроведува монетарна стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот во однос на германската марка, а од јануари 2002 година во однос на еврото. Според тоа, одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот претставува посредна цел на монетарната политика“, стои на официјалната страница на Народната банка на Македонија.

Примената на стратегијата на целење на девизниот курс произлегува од: важноста на девизниот курс во мала и отворена економија; потребата од номинално сидро за одржување кредибилитет; високиот степен на евроизација и транспарентноста на политиката на девизниот курс и можноста за секојдневно следење од страна на економските субјекти.