Што е приправник?

1981

За секој млад човек е важно да ги направи првите чекори кон градење на својата кариера. Особено е важен преминот од образование кон работа во компанија или институција, што често се обележува како приправнички стаж.

Според нашиот закон за работни односи, приправник е лице кое за прв пат започнува да врши работа соодветна на видот и степенот на своето стручно образование, а стажот што ќе го стекне во тој период е заради оспособување за самостојно вршење на работата.

Законодавецот одлучил приправничкиот стаж може да трае најмногу една година, а може и сразмерно да се продолжи, ако приправникот работи со пократко работно време од полното работно време, но најмногу за шест месеци. Исто така, траењето на приправничкиот стаж може да се скрати на предлог на одговорно лице, но најмногу до една третина од првобитно одреденото траење.

Додека трае приправничкиот стаж, работодавачот е должен на приправникот да му обезбеди оспособување за самостојно вршење на работата. На крајот на приправничкиот стаж, приправникот мора да полага испит, којшто е составен дел на приправничкиот стаж и се полага пред истекувањето на приправничкиот стаж.

Фото: Freepik