Што можат да направат хотелите во ек на пандемија?

65

Пандемијата на коронавирусот е без преседан и сигурно ќе остави длабока трага и негативен ефект врз економија. Индустрија што бележи најголеми загуби е туризмот и тоа во сите сегменти: хотелиерство, угостителство, авиоиндустрија, крузери…, пишува Lily’s travel notes.

Според проценки на World travel and tourism council – WTTC, до крајот на оваа година ќе бидат затворени 50 милиони работни места во секторот, а загубите се мерат во стотина милијарди евра. На овој сектор би му биле потребни најмалку 10 месеци за да може да застане “на нозе“.

Овие неколку совети може да им помогнат на сопствениците на хотели и сместувачки капацитети:

Драстично намалување на цените? НЕ!

Оваа мерка ја користат некои хотелиери кога се случуваат флуктуации на пазарот. Но, во овој случај се откажани сите настани до јуни, а тенденцијата на откажување продолжува. Она што може да се направи е да се продолжи акцијата за ран букинг и да се прилагодите на моменталната ситуација. Подоцна можете да понудите одреден попуст за last minute резервации во зависност од капацитетот.

Прилагодете ја отказната политика и бидете транспарентни

Додека некои хотели имаат пофлексибилна отказна политика, други се ригорозни кога станува збор за сторнирање на резервациите. Но, во случај како што е овој, постојат одредени мерки и правила кон коишто хотелиерите би требало да се придржуваат. Прилагодете ја отказната политика дури и за оние резервации кои се non – refundable и објавете на својот сајт и на социјалните мрежи.

#DontCancelPostpone

Кога ќе добиете барање на откажување на резервација, предложете им на клиентите да го одложат патувањето и понудете им ваучер во времетраење од една година. Ова посебно се препорачува за гости кои веќе уплатиле аванс. Доколку сте во можност, на гостите кои прифаќаат одложување на резервацијата, може да им понудите бесплатна услуга: спа третман, масажа, посета на музеи и национални паркови, излет, ручек, бесплатна room service и слично.

Бидете активни на социјалните мрежи

Иако работите стагнираат, покажете на социјалните мрежи дека не запирате, па корисниците да ги имаат предвид сите содржини што ги нудите. Задолжително информирајте ги за дополнителните санитарни и здравствени мерки што сте ги презеле за да бидат сигурни дека ги почитувате правилата.

Фото: Pixabay