Што носи ребалансот на Буџетот?

36

Вкупните приходи со ребалансот на Буџетот на земјава за оваа година се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се проектираат на ниво од 228,3 милијарди денари. Дефицитот, како што наведуваат властите, останува непроменет во однос на планираниот со основниот буџет, односно изнесува 17,7 милијарди денари или 2,5% од бруто домашниот производ.

Трансфер од Буџетот кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, се предвидува со ребалансот на Буџетот.

Од државната каса се одвојуваат 560 милиони денари во форма на директна поддршка во земјоделството и справување со болеста Африканска чума кај свињите.

Во ребалансот влегуваат 400 милиони денари за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за компании што ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра. Оваа мерка би требало да трае три години, до октомври 2022 година, а нејзината примена започнува од идниот месец, а во ребалансот е предвидена исплатата на субвенциите за ноември и декември.

Предвидени се и 200 милиони денари за активни политики и мерки за поддршка на вработување на млади луѓе.

Со ребалансот се опфатени и 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, а во Фондот за здравствена заштита се алоцирани 660 милиони денари за остварување на правата од здравствена заштита.

Вкупно 183 милиони денари ќе бидат насочени кон колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро.

Ребалансот ќе го покрие и откупот на акции на АД ГА – МА за целосна државна сопственост за да се создадат услови за дистрибуција на гас од страна на државата.

И проектот МојДДВ ќе добие дополнителни средства со овој ребаланс.

Според премиерот, Зоран Заев, со овој ребаланс Буџетот ќе биде во функција на брз и силен раст на економија, повеќе пари кај граѓаните и компаниите, поголема мотивација за подобар живот.

Новоназначената министерка за финансии, Нина Ангеловска, смета дека Владата, преку спроведување вистински фискални политики преку Буџетот, има за цел да понуди подобри услуги кон граѓаните, да го поддржи стопанството и економскиот раст што ќе резултира со повисок животен стандард.

Фото: Pixabay