Што треба да знаеме за бесконтактното плаќање?

70

Бесконтактното плаќање во овој момент би можело да биде најдобриот начин на плаќање поради заштита од ширење на коронавирусот.

Организацијата на потрошувачи на Македонија, во својот месечен билтен, ги наведува сите работи што потрошувачите треба да ги знаат за бесконтактното плаќање.

Бесконтактната технологија е поинаков начин на кој што картичката или мобилен телефон може да комуницира со продажниот терминал на трговецот. Можноста за бесконтактно плаќање е карактеристика која што е вклучена во сѐ поголем број на дебитни, кредитни и припејд картички. Дури и некои од мобилните телефони може да се конфигурираат да вршат бесконтактно плаќање. Мобилните може да ги содржат податоците од повеќе бесконтактни картички во виртуелен “паричник“, дозволувајќи да изберете која картичка сакате да ја употребите. Технологијата која што го овозможува бесконтактното користење на картичките или мобилниот телефон е наречена комуникација на кратка далечина (NFC – near field communication).

Кај овој начин на трансакција, картичката или мобилниот телефон комуницира со платежниот терминал со помош на радио сигнал.

Со бесконтактните картички и мобилните телефони платежната трансакција се врши со едноставно држење на картичката или мобилниот телефон блиску до означеното место за исплата на трговскиот терминал. Терминалот ќе светне, или, пак, ќе даде звучен сигнал за да му даде до знаење на потрошувачот дека трансакцијата е завршена.

Со бесконтактното плаќање може да се забрза плаќањето, намалувајќи го чекањето во редици. Истовремено, бесконтактните плаќања ги имаат истите функционалности како стандардните плаќања со картички што имаат чип и ПИН.

Бесконтактните платежни картички ги имаат истите предности на стандардните платежни картички со чип и ПИН и трансакциите се обработуваат преку истите безбедни мрежи. Слични безбедносни мерки се употребуваат и кај бесконтактните плаќања преку мобилни телефони. За дополнителна безбедност, вашата банка или издавач на платежна картичка го ограничува износот што можете да го потрошите со бесконтактно плаќање, а без притоа да ви биде побарано внесување на ПИН, шифра за мобилен телефон или отпечаток од прст. За трансакции над овој износ, ќе биде побарано од вас да внесете ПИН или шифра за мобилен телефон, или да го употребите читачот на отпечатоци од прсти на мобилниот телефон.

Иако плаќањата со ниска вредност со бесконтактните картички обично не бараат внесување на ПИН, после одреден број на трансакции системот може да побара да го внесете вашиот ПИН во продажниот терминал, за да се изврши проверка на идентитетот, односно да се осигура дека овластениот корисник е тој што ја прави исплатата со бесконтактната картичка или мобилен телефон, и да се спречи измама.

Фото: Pexels