Синдикат на Охридска банка: Можни се технолошки вишоци

58

Синдикатот на Охридска банка даде свое мислење на понудата за преземање издадена од Steiermerkische Bank und Sparkassen AG од Грац, Австрија.

“Можни се технолошки вишоци. Иако Понудувачот ја препозна потребата за посветен и квалификуван персонал со локална експертиза, потенцијалната потреба за оптимизација и консолидација како резултат на интеграција, може да доведе до намалување на работните места“, стои, меѓу другото, во Мислењето на синдикатот објавено на Македонска берза.

Врз основа на понудата за преземање и Проспектот, како што се наведува, Синдикатот подразбира дека во случај на успешна реализација на преземањето, Охридска банка ќе стане членка на банкарската групација на која му припаѓа Понудувачот и дека, како дел од стратешкиот план на понудувачот, Охридска банка и Шпаркасе Банка (банка која е основана и работи во Република Северна Македонија ѝ припаѓа на банкарската групација на Понудувачот) ќе се интегрираат во една банка.

Оттаму наведуваат дека успешната реализација на преземањето и интеграцијата ќе влијае и врз вработените во Охридска банка. Сегашните политики за вработување, вклучително и политиката за наградување, како што се наведува, ќе бидат променети така што тие ќе бидат во согласност со политиките за вработување на Понудувачот. Исто така, како што се наведува, Понудувачот има намера да воспостави трансфер на знаење преку курсеви и практична работа кои им се нудат на вработените во Охридска банка, а веруваат дека ваквите програми ќе бидат корисни за вработените.

Инаку, Комисијата за хартии од вредност на својата 40-та седница на Steiermerkische Bank und Sparkassen AG од Грац, Австрија, ѝ издаде дозвола за давање понуда за преземање на Охридска банка АД Скопје.

Фото: Pixabay