Системот за елиминирање на емисијата на испарливи органски соединенија на Окта во завршна фаза

27

Компанијата Окта постојано вложува во проекти за надградба на своите инсталации, со цел достигнување на најновите барања на стандардите за заштита на животната средина.

Помеѓу бројните проекти со кои компанијата го контролира своето влијание врз околината, во својата завршна фаза е системот за елиминирање на емисијата на испарливи органски соединенија. Речиси година дена пред истекот на рокот пропишан со Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, Окта ќе го финализира овој напреден проект кој се состои од два дела – постројка за рекуперација на пареи и прилагодување на инсталациите за полнење од така наречено “горно” во “долно” полнење, стои во соопштението.

„Со воведување на системот за елиминирање на емисиите од лесно испарливи органски соединенија при користење на бензините, пред сè ќе се придонесе кон заштита на животната средина. Проблемот со емисијата на овие гасови во атмосферата особено е изразен во летниот период кога се високи температурите на воздухот, а со имплементацијата на овој систем нивната емисија се сведува на минимум”, вели професорот Славчо Алексовски од Технолошко – Металуршкиот Факултет во Скопје.

Првиот дел од поставувањето на новиот систем се однесува на промена на методот на товарање на авто цистерните. Досега, сите цистерни беа товарени од горниот отвор, преку така наречениот метод „горно полнење”. Овој метод на полнење најмногу придонесува кон испарување на органски испарливи соединенија, поради зголеменото прскање и загревање на бензинот. Со воведувањето на новиот систем на полнење, сите цистерни за бензин ќе бидат полнети од дното, преку методот на „долно полнење”, кое ќе придонесе кон минимизирање на испарувањето кое се појавува при манипулација со бензините. Покрај позитивното влијание врз животната средина, дополнителен бенефит од овој систем е и намалување на изложеноста на човечкиот фактор на штетни гасови, како и можноста од појава на пожар.

Дополнително, пареите кои ќе настанат при „долното полнење” нема да се прошират во атмосферата, туку ќе бидат собрани и пренесени во Постројката за рекуперација на пареа, која го сочинува вториот дел на проектот. Преку оваа постројка, сите пареи ќе се вратат во нивната првична течна фаза и ќе бидат собрани назад во резервоарите за бензин.

„Инсталацијата на системот за рекуперација значителни ќе ја намали емисијата на лесно испарливи  органски соединенија (метан, етан, пропан, бутан и други) кои во голема мера се штетни за здравјето на човекот. Покрај ова, воведувањето на новиот начин на полнење на горивото во цистерните и резервоарите од доле, наместо од горе, влијае на намалување на испарувањето  на лесните јаглеводороди во цистерната. Со ова се зголемува безбедноста при работа на вработените на терминалите за бензин каде што се одвива складирање, полнење и транспорт на горивото”, додава Алексовски.

Компанијата Окта е во завршна фаза со инсталирањето на системот за  елиминирање на емисијата на бензини, иако крајниот рок за комплетна оперативност на системите е 30 јуни 2016 година, согласно Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини.