Сите постапки за градење од денес по електронски пат

20

Почнувајќи од денес сите административни постапки предвидени во Законот за градење ќе се вршат по електронски пат.

Така, освен дозволата за градење, електронски ќе се спроведуваат и постапките за одобрување на идеен проект, измена во тек на градба, промена на инвеститор, издавањето на одобрение за подготвителни работи, реконструкција, адаптација и пренамена на објект.

Поднесувањето на барањата ќе се врши преку информацискиот систем Е одобрение за градење на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

“Системот добро функционира и самиот факт дека досега имаме издадено 205 одобренија покажува дека тој добро функционира. Системот е едноставен, движењето на предметот може да се следи преку СМС и целокупната документација се доставува во електронска форма”, појасни министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Тој посочи дека доколку одредени лица не знаат како треба да поднесат одредено барање, тоа во нивно име ќе може да го стори овластената фирма која им го изработува проектот.

“Ова ќе придонесе и за рејтингот на Република Македонија во делот на одобрение за градење во извештајот на Дуинг бизнис од Светска банка”, истакна Јанакиески.

Според претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, на овој начин се подигнува квалитетот на функционирањето и давањето на услугите на општините.

Сега имаме еднозначност во давањето на документацијата, поголема транспарентност, не се користи повеќе хартија и се забрзува постапката за добивање одобрение за градба и другите документи согласно законот. Со тоа Република Македонија го подигна нивото на квалитетот на услуги што ги дава кон граѓаните и ја вброи државата во земјите кои имаат голем напредок во примената на електронскиот начин на давањето на услуги”, рече Трајановски.