СКМ: Раст на градежниот сектор и поголемо учество во БДП

23

Градежниот сектор во Македонија во изминатите неколку години бележи постојан раст, поголемо учество во бруто домашниот производ и отворање на нови работни места, беше истакнато денеска во Стопанската комора на Македонија (СКМ).

“Радува податокот дека градежништвото подолго време се ангажира во нискоградбата, речиси рамномерно низ целата држава, што беше наша заложба – на патот Смоквица-Демир Капија како дел од Коридорот 10, на автопатите од Миладиновци кон Штип и од Кичево кон Охрид. Ова е предноста што ја баравме, брз проток на стоки и услуги“, рече денеска Марија Петроска од Здружението за градежништво при СКМ.

Таа нагласи дека патната инфраструктура ќе придонесе и за развој на руралниот туризам во земјава.

“Владата обезбеди средства и веќе почнаа поголемите инвестициски зафати – реконструкција на автопатот Велес – Скопје, проширување на патот Велес – Кадрифаково, изградба на повеќе регионални и локални патишта, објекти во здравството, станбени, индустриски и спортски објекти. Во наредниот период сигурно ќе почне да се гради и железничка пруга кон Бугарија и кон Грција“, рече Петроска.