Скопје доби кафе бар каде се служи на знаковен јазик

632

О2 MR Coffee Bar е првиот кафе бар во Скопје во кој кафињата и пијалаците се служат на толковен јазик. Кафе барот е отворен со поддршка на Оперативниот план за вработување, а според вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, која денеска го посети барот, ова директно влијае на промена на перцепцијата во државата кон лицата со попреченост.

Вицепремиерката Царовска посочи дека овој уникатен кафе бар е отворен со здружување на две лица, Радмила Периќ и Мартин Ангелов, корисници на програмата за самовработување, која е дел од Оперативниот план на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, со неповратен грант, кој по здружувањето на средствата достигнал 10.000 евра.

“Ова укажува на кој начин финансиските средства кои се редистрибуираат преку оперативните програми и мерки за вработување, навистина влијаат на животот на сите граѓани. Овој кафе бар е навистина специфичен, ќе се прашате зошто. Постојат многу кафе барови низ Скопје и низ државата, но единствено тука сите производи се служат на знаковен јазик. Ова директно влијае на промена на нашето Скопје, на перцепцијата во нашата држава кон лицата со попреченост. Ако некој досега сакал да прикаже дека на овие лица им треба само државна помош, а да не прават притоа ништо, тука ги гледаме во улога на претприемачи. Двете лица, корисници на грант за самовработување, се лица со оштетен слух, а директно влијаат на подобрување на нашата економија, со отворање на сопствен бизнис. Сите Скопјани се добредојдени да се напијат кафе или друг освежителен пијалак во овој кафе бар, на овој начин и во периодот на Ковид, овие двајца наши сограѓани инвестираат во сопствен бизнис, преку искористување финансиска поддршка на програмите од Оперативниот план. Овој план не е само хартија, со негова реализација ние заеднички ги менуваме сите движења во нашето општество, при што директно влијаеме на намалување на стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост во нашето општество“, нагласи вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, рече дека е вистинско задоволство да се види ваква несекојдневна урбана приказна во Скопје, при што изрази надеж дека ќе имау ште многу вакви успешни приказни на самовработување и започнати бизниси на лица со попреченост насекаде низ нашата држава.

Косопственичката на O2 MR Coffee Bar, Радмила Периќ, кажа дека во главниот град има многу кафулиња, сепак нивната идеја е единствена во моментот и цели кон промоција на знаковниот јазик, којшто го користат лицата со проблеми со слухот.

“Повеќе сакав да допринесам знаковниот јазик да го користат сите луѓе, тоа е возможно и покрај тоа што имаме оштетување на слухот, другите перцепции се понагласени, проблемите со видот и некои другите хендикепи кај нас се понагласени. Ги поттикнувам, доколку имаат идеја, останатите лица со попреченост, да не се двоумат да го остварат нивниот сон затоа што е возможно. Еве ние, на пример имавме идеја од искуства од странство, од други глуви лица да го достигнеме невозможното на некој начин, да отвориме кафе бар. Ги повикувам сите во иднина да повелат, да дојдат да го вкусат нашето кафе, имаме дигитално мени, може слободно да се разбереме и заедно да научиме некој нов момент“, рече корисничката на грантот за самовработување Периќ.