Скопје vs Виена

85

Нашиот главен град од австриската престолнина е оддалечен околу 1.000 километри или 10 часа возење со автомобил. Со помош на Numbeo ќе направиме анализа на тоа колку ценовно се “оддалечени“ Скопје и Виена.

Се наоѓате во ресторан или кафуле и порачувате шолја капучино и вода. За тоа во Скопје ќе платите околу 1,36 евра за кафето и 0,79 евра за водата, а во Виена 3,25 евра за шолјата со капучино (138% поскапо) и 2,11 евра за шише вода од 0,33 литри (168% поскапо).

Доколку во супермаркет во Скопје купите векна леб од половина килограм, ќе платите 0,47 евра во просек, а во Виена за тоа ќе одвоите 1,68 евра или  255% повеќе. Еден килограм јаболка кај нас чини околу 0,74 евра, а во Виена 167% поскапо или околу 1,98 евра. Килограм компир кај нас има цена од околу 0,49 евра, а во Виена е 173% поскап или околу 1,33 евра.

Кога ги анализираме транспортните услуги во двете метрополи, билет за еден правец во локален транспорт кај нас е околу 0,57 евра, а во Виена 322 % поскапо или 2,40 евра. Ако имате потреба од такси услуга, кај нас старт чини 0,65 евра, а во Виена 504% повеќе или 3,92 евра.

Една минута разговор во припејд во Скопје има просечна цена од 0,10 евра, а во Виена 56% поевтино или 0,04 евра.

Приватно основно училиште за едно дете во Скопје за една година е околу 3.158 евра, а во Виена 15.535 евра или 391% поскапо.

Наемините во Скопје се неколку пати поевтини од оние во австриската престолнина, па така стан со една спална соба во центарот на Скопје е околу 229 евра, а во Виена 266% повеќе или околу 839 евра. Голема е разликата и во цените на недвижнините, па така во Скопје цената на еден метар квадратен на стан во центарот на градот е околу 1.225 евра, а во Виена 6.416 евра или 432% поскапо.

Просечната месечна нето плата во Скопје е 390 евра, а во Виена 376% повисока или 1.858 евра.

Фото: Pixabay