Скоро 60 милиони евра преку “брзи кредити“

82

Граѓаните и компаниите зеле “брзи кредити“ од финансиските друштва во земјава во висина од 58,5 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка за финансиската стабилност за 2018 година, пренесува порталот Analitika.mk.

Така, во 2018 година финансиските друштва склучиле вкупно 61.817 договори со граѓани кои не можеле да аплицираат за кредит во банка и се одлучиле на побрз начин да дојдат до потребните пари. Вкупната вредност на договорите на финансиските друштва со физички лица достигнала речиси 45,5 милиони евра. Додека пак биле издадени и брзи кредити на 649 компании вредни 13 милиони евра.

Податоците на Народната банка покажуваат и дека финансиските друштва таа година покажале и позитива во вкупниот биланс – од минус отишле во плус. Па така, во 2018 година “свртеле“ 12,5 милиони евра приходи и оствариле добивка од 382.000 евра, откако 2017 година ја завршиле со загуба од речиси 410.000 евра. Во 2016 година минусот на финансиските друштва бил 23.000 евра, иако таа година прикажале приходи од четири милиони евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека приходите и добивката на финансиските институции одат нагоре. Во 2018 година тие оствариле приходи само од камати кои ги наплатуваат од граѓаните од три милиони евра, а далеку поголем бил приходот од провизиите кој достигнал 9,84 милиони евра.

Податоците на Народната банка покажуваат дека најголем дел од склучените договори во 2018 година биле во денари, а според рокот на отплата доминираат тие кои треба да се исплатат за од една до три години. Во 2018 година дури 20.410 од договорите склучени со граѓани вредни речиси 27 милиони евра, биле со рок на отплата од една до три години. Додека со рок на отплата од над три години биле клучени 2.430 договори со граѓани вредни 10,4 милиони евра.

Според видот на активност пак, најголем дел од договорите во 2018 година се кредити, помал дел се издадени кредитни картички,а најмал дел се факторинг и преземени побарувања. Така, бројките на Народната банка говорат дека биле одобрени вкупно 48.962 кредити вредни 36,9 милиони евра, издадени биле 13.361 кредитни картички на сума од 19,5 милиони евра и договори за преземање на побарувања биле 142 со вредност од два милиони евра.

Фото: Pexels