Smoothie Fit Bar – чаша здрав напиток од овошје и зеленчук

206
ilija
Илија Чокрев, сопственик на Smoothie Fit Bar

На младите би им препорачал да бидат иновативни и да мислат позитивно за тоа што сакаатда го направат и најверојатно ќе успеат во тоа. Јас се уште не можам да кажам како ќе сеодвиваат работите, но барем почетокот ветува успех. Треба да се решат и да почнат нешто имора да тргне работата, вели Илија Чокрев, сопственикот на Smoothie Fit Bar.

БИ: Како дојдовте до идејата за отворање на ваков бар?

Смути напитоците се глобален хит и се популарни насекаде во светот. Првичната идеја дојде како резултат на моите импровизации со блендер во домашни услови. Бидејќи веќе имав работно искуство со водење на кафуле, согледав дека кај нас нема такво нешто и сакав да бидеме први во Македонија. На некои места прават по два-три вида на смути напитоци, но специјален бар за тоа нема и затоа мислев дека ќе биде нешто иновативно.

4

БИ: Колку време ви требаше за да ја реализирате идејата?

Со сите подготовки, потребни ми беа два месеци. Рецепти лесно се наоѓаат на интернет. Прво ги дегустирам дома, па потоа можат да се подготвуваат во барот. Најмногу време ми одзема средувањето на барот.

БИ: Какви видови напитоци нуди Smoothie Fit Bar?

Моментално имаме десет видови на смути пијалоци за различни намени: за енергија, за после тренинг, за детоксификација, за јакнење на имунитетот или пак само за да се освежите и да ја внесете потребната доза на витамини. Поголемиот дел се со сезонски овошја и затоа цело време се менува менито. Сега ќе почнеме да правиме смути со лубеница, диња…Има многу врсти на смути пијалоци и постепено ќе воведуваме нови. Исто така имаме свежо цедени сокови и кафиња. Алкохол не продаваме.

2

БИ: Какви смути ви се најбарани од потрошувачите?

Најбаран смути моментално е со малина, tropical detox – најверојатно поради името. Исто така Flat belly беше многу барано од девојките што вежбаат, можеби затоа што името ги асоцира на рамен стомак.

БИ: Зошто Аеродром го одбравте како локација за Smoothie Fit Bar?

Оваа локација ја одбрав затоа што над Smoothie Fit Bar има пилатес студио каде што вежбаат 80 девојки и секојдневно можат да ги пијат нашите смути. Исто така ова место е многу прометно – од тука се оди накај кејот на Вардар каде што луѓето се шетаат, вежбаат, возат велосипеди и ролери и можат да си купат смути за носење.

БИ: Колку време постоите и има ли заинтересираност кај граѓаните?

Постоиме скоро два месеци и се уште сме на почеток, па ќе видиме како ќе се одвива работата. Има заинтересираност кај луѓето, но и малку им е чудно и не знаат што нуди барот. Имам надеж и мислам дека ќе успееме затоа што здравиот живот стана мода на некој начин и сите возат велосипеди, спортуваат, трчаат, па треба да пијат и здрави напитоци. Од ден на ден се повеќе луѓе дознаваат за барот, а тие што еднаш дошле се враќаат повторно и тоа е најважно.

3БИ: Дали е голем ризикот за почеток на еден ваков бизнис?

Ризикот е голем и потребен е почетен капитал. Сега треба да го издржиме почетниот период. Треба време луѓето дознаат за Smoothie Fit Bar и да почнат да доаѓаат. Исто така тешко е да се започне бизнис во лето, ама мислам дека ќе успеам.

БИ: Какви планови имате за во иднина?

Прво сакаме да го разработиме овој Smoothie Fit Bar, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Се надевам дека ќе тргне работата и ќе имаме прилика да се прошириме и на други локации.

БИ: Што би им препорачале на младите?

На младите би им препорачал да бидат иновативни и да мислат позитивно за тоа што сакаат да го направат и најверојатно ќе успеат во тоа. Јас се уште не можам да кажам како ќе се одвиваат работите, но барем почетокот ветува успех. Треба да се решат и да почнат нешто и мора да тргне работата.