Со 52 милиони од СБ ќе се градат и реконструираат патишта во Македонија

33

Македонија ги доби првите средства во износ од 52 милиони евра наменети за изградба и реконструкција на патишта во земјава од Стратегијата за партнерство со Светска банка вредна 400 милиони долари.

Договорот за користење на средствата од Светска банка наменети за изградба и реконструкција на патишта во Македонија го потпишаа денеска директорката на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Татјана Проскурајкова, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, и директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Со овие средства, како што појаснија, ќе се финансира изградба на патните правци Бошков Мост – Дебар, Ресен – Буково и Битола – Макази.

Дополнително, од Светската банка во рамки на оваа Стратегија следната година треба да се одобрат 100 милиони евра за изградба и реконструкција на повеќе патни правци во земјава. Меѓу нив, како што рече министерот за финансии, се Пробиштип – Ски Центар Пониква, Тораница – Саса, Старо Коњарево – Ново Коњарево, Гарски мост – Извор и Ранковци – Крива Паланка.

“Проектот од над 150 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта во земјава се вклопува во еден посериозен инвестициски циклус за реализација на автопати, магистрални и регионални патишта во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра каде спаѓаат автопатите, регионални и локални патишта кои се инвестираат од различни извори“, истакна министерот, пренесува Миа.

Ставрески потенцира дека со реализација на предвидените патни правци значително ќе се подобри конкурентноста на македонската економија, протокот на стоки и патници и ќе се овозможи полесно да се пренесуваат стоките низ различни делови на земјата, односно и за фирмите и за граѓаните ќе се овозможат подобри патишта и безбедност на патиштата, бидејќи со проектот се опфатени и сите свлечишта што се детектирани, како и сите црни точки на патиштата.

Според Проскурјакова, ова е втор проект за патен транспорт што Светска банка го финансира во Република Македонија и претставува заем за долгорочно инвестирање.

“Заемот дава можност да се подобри патната мрежа која е неопходна за поголем раст. Подобрената патна мрежа ќе значи и подобра поврзаност, побезбедно патување што пак може да придонесе кон подобар пристап до работни места, социјални услуги до населението и помага во намалувањето на сиромаштијата и зголемување на заедничкиот просперитет“, потенцира Проскурјакова.

Директорот на ЈП за државни патишта потенцира дека со денешниот договор се заокружува финансиската конструкција за реконструкција и рехабилитација на повеќе патни правци во земјава, за кои се комплетира документацијата, а градбата се очекува да почне во 2015 година.

Заемот од Светска банка е со шест години грејс период и 23 години рок на отплата.