Со ХАЛАЛ стандардот можноста за извоз во Турција и арапските земји е поголема

42

Halal Food5ХАЛАЛ стандард во своето работење досега вовеле вкупно седум македонски компании од кои две минатата година. Владата годинава за прв пат предвиде субвенции за воведување ХАЛАЛ кај малите и средните компании, а за таа намена ПроКредит банка понуди кредит.

Ова беше соопштено на денешната пред-конференција во Стопанската комора на Македонија, која дава услуги за имплементација на стандардот.

“ХАЛАЛ стандардот кај прехранбените производи е се поприсутен и зазема се поголем удел на меѓународно ниво бидејќи со негово имплементирање се отвора пазар чијашто вредност се проценува на над 700 милијарди долари”, рече Емилија Тодоровска од Стопанската комора на Македонија.

Таа додаде дека ХАЛАЛ стандардот ги специфицира сите барања и мерки кои мора да бидат исполнети да се добие сертификат за ХАЛАЛ квалитет, односно севкупност на карактеристики кои производите мора да ги исполнуваат, а се во согласност со исламското верско учење и притоа ги запазуваат сите атрибути на квалитет и се дозволени за храна и услуги за припадниците на исламската вера.

“ХАЛАЛ производите и услугите се прифатливи и за сите други религии и се присутни во навиките на исхраната во сите региони на светот и се дополнително контролирани. Воведувањето на стандардот отвора можност за поголем настап на пазарите во Турција и во арапските земји”, рече Тодоровска.

Имплементацијата на овој систем чини околу 40.000 денари, но цената на услугата за добивањето на сертификатот е значително поголема.

Годинава, Владата предвидува 500.000 денари за компаниите кои ќе го имплементираат ХАЛАЛ стандардот за техничка помош и консултантски услуги.

Во случај има поголем интерес за имплементација, може да се направи пренамена на срeдства, најавуваат од Министерството за економија.