Со ширење на вакцинацијата се намалува бројот на ковид милијардери

27

Пандемијата којашто изминатава година владее со светот донесе со себе можности за збогатување. Сега тие богатства се трошат и се губат со голема брзина, пренесува Bloomberg.

Пандемијата на коронавирус откри бројни неуспеси во светската економија, неуспеси на владите и меѓународните институции да обезбедат и да се подготват во случај на глобална пандемија. Бројни компании ја пополнија оваа празнина, забрзано развивајќи нови технологии или прилагодувајќи се на новите потреби и вонредни околности.

Сега, кога овие околности полека се смируваат и кога пазарот се обидува да се преориентира, да ги намали сметките и да предвиди понатамошни движења, излегува дека додадената вредност генерирана од овие компании не е долготрајна.

Па така на пример компанијата Seegene  што произведува тестови за ковид го разви својот тест кон крајот на јануари минатата година и вредноста на компанијата скокна неверојатни 919 %. Кога падна побарувачката, падна и вредноста на компанијата, а богатството на основачите падна од 1,6 милијарди на околу 800 милиони долари.

Слична е и ситуацијата со малезискиот производител на ракавици Top Glove Corp. Кога пазарот сфати дека ќе биде помалку потребен нивниот производ отколку во екот на пандемијата, започнаа обложувања против компанијата, проследено со пад од над 40 % од цената на акциите, што избриша девет милијарди долари од основачите и сопствениците на компанијата. Сега компанијата се обидува да преземе нови инвестиции, со цел да закрепне од големите флуктуации.

Иако некои компании го искористија моментот на зголемена вредност за да се позиционираат на пазарот – на пример, да купат свои акции или нови инвестиции – повеќето добија стотици милиони, па дури и милијарди преку ноќ, за преку ноќ да изгубат најголем дел од профитот.

Врз основа на ваквите трендови на пазарот, се добива впечаток дека “корона економијата“ е еден вид меур и дека зголемената побарувачка во повеќето случаи нема да биде добра за компаниите кои прво мораа да развијат капацитет, а потоа да се справат со нагло опаѓање на побарувачката.

Вистински победници ќе бидат најверојатно производителите на вакцини, кои најдоа нови методи на производство среде пандемијата, што ќе бидат корисни дури и по оваа криза. Кризата е добра можност за брза заработка и ризични потези, но само трајната вредност на пазарот може да обезбеди стабилност и да ја заштити компанијата од проблеми.

Фото: Pixabay