Ќе се бара задолжително приклучување на парно за новите згради

120

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) предлага законски измени со коишто ќе се предвиди обврска објектите што се градат да се приклучуваат на организиран систем на топлинска енергија, каде има таков систем.

По тој повод беше одржана работна средба меѓу претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски и претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски и претставници на Здружението.

На средбата се осврнале и на прашањата при издавање на одобренијата за градење да се наведува точно на што ќе се грее секој нов објект, како и на изнаоѓање посеопфатни решенија поврзани со затоплувањето на објектите преку мапирање на градот.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски по средбата рече дека со новиот Закон за градба бараат да се воспостави јасен ред во начинот на греење кај граѓаните на територијата на целата држава.

“Најважно е што се договоривме овој Закон во иднина заеднички ќе го надградуваме се со цел да биде применлив и во пракса. Во понатамошниот период, Комисијата ќе организира заеднички состаноци со претставници на Комората, како и од ЗЕЛС, но и од Министерството за транспорт и врски“, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека зголемениот број на системот на топлинска енергија, а во иднина и на дистрибутивниот систем за природен гас ќе доведе до поевтини цени на енергијата за крајните корисници. Посочи дека според анализите од БЕГ околу 15 до 20 згради не прифаќаат да бидат приклучени на организираниот систем за топлинска енергија што им го овозможува постојниот Закон за градба.

“Токму затоа ние предлагаме да се промени овој дел од Законот и да бидат обврзани да се приклучуваат на системот за топлинска енергија доколку тоа е предвидено со мапирањето. На тој начин ќе овозможиме и сите градежни компании да функционираат на иста основа и да имаат исти правила на игра и цената која ќе ја плаќаат граѓаните да биде пониска за становите кои не се приклучуваат на централниот систем за греење“, рече Бислимоски.

Тој потсети дека РКЕ ја намали цената за приклучување на топлинска енергија од 3.160 денари на 2.000 денари по киловат.

“Здружението има за цел континуирано да делува во насока на унапредување на деловниот амбиент и условите за работа на градежните компании, но и општествена одговорност да работи на подобрување на состојбите и подигнување на квалитетот на градбите. Оттаму, како Здружение сме подготвени да бидеме активни чинители и да придонесеме за креирање на законски решенија кои ќе помогнат за оптимизирање на потрошувачката на енергија и остварување поголема енергетска ефикасност, како и поголем квалитет за крајните потрошувачи“, истакна Андреа Серафимовски.

Фото: Pixabay