Сообраќајот се одвива по суви патишта

10

Сообраќајот на сите државни патишта во републиката се одвива по претежно суви коловози на пониските места и наместа по влажни коловози на повисоките планински и осојничави места, каде поради ниските температури можна е појава на голомразица.
АМСМ препорачува внимателно управување со возилата и почитување на поставената патна и сообраќајна сигнализација. Особено да се внимава на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Од 15.11.2013 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимската опрема во возилата. Оваа обврска ќе трае до 15.03. следната година.

На патниот правец А-3 од Делчево кон М. Каменица, во периодот од 08:00 до 16:00 часот од страна на ГД Гранит ќе се врши реконструкција на патот односно рушење на карпа, а наизменично ќе се запира сообраќајот на двете сообраќајни ленти, во повремени периоди од 10-15 минути.
За потребите за изработка на проектна документација за рехабилитација на патниот правец А-1, делница Неготино-Демир Капија, од 27.11.2013 започнаа геодетски активности за што е воведена времена измена на режим на сообраќај и за истата е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Времетраењето на измената ќе трае до 27.01.2014 г. Работите се изведуваат во временски период од 07:00 до 17:00 часот, додека пак сообраќајната сигнализација за времена измена на режим на сообраќај е поставена 24 часа на трасата.
Асфалтерските работи на патниот правец Струмица (Костурино) – Раброво (Р1401) се завршени. Во следните денови ќе се одвиваат завршни активности по страничните делови на коловозот, поради што во периодот од 10:00 до 14:00 часот, сообраќајот повремено ќе се одвива со наизменично пропуштање на возилата.
На патните правци Кочани – брана Калиманци (А3) и М. Каменица – Делчево (А3) се врши надоградба на асфалтната подлога и санација на риголите, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Сообраќајот се одвива непречено, а се очекува градежните работи да потраат до средината на декември.
Tеренските активности (геодетски и геомеханички истраги) кои се во тек долж патниот правец А-1, делница Миладиновци-Куманово (во двата правци) односно од наплатна станица Миладиновци до крај на стариот автопат-клучка Крива Паланка, од 10 декември се изведуваат на потегот од село Дељадровци кон клучка Рафинерија, во должина од 2000 метри. Поради ова, левата сообраќајна лента физички е затворена за сообраќај. Работите ќе се изведуваат во период од 07:00 до 18:00 часот, додека сообраќајната сигнализација за времен режим на сообраќајот е поставена 24 часа на горенаведениот дел од трасата.
На пат. правец Маврови Анови – Дебар (Р1202) се изведуваат градежни работи на санација на Мелнички мост во близина на Дебар. Поставена е соодветна патна сигнализација, сообраќајот се одвива непречено, но се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
На патниот правец Велес – Кадрифаково се изведуваат градежни работи, кои во првата фаза се од клучка Велес, крај на трета лента (депонија Велес) до Лозово, Сарамзалино.
Возачите ги предупредуваме да пристапуваат внимателно и со намалена брзина кон местата на кои се изведуваат работи на пат и да се придржуваат кон упатствата од новопоставената вертикална сигнализација.
Патниот правец Р2 332, Охрид – Ресен преку Галичица (врска со Р1307 (Царина)-врска со А3 и Р1301 (Трпејца), од месноста Корита до зимскиот центар Отешево се затвора за сообраќај на сите возила од 15.11.2013 до 31.03.2014год.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.