Француската банкарска група Сосиете женерал (Societe Generale) го отпушти Владимир Голубков, главниот извршен директор на руската единица Росбанк, откако беше обвинет за корупција.
Со оваа акција втората по големина банкарска група во Франција се обидува да ги увери пазарите дека може да го надмине ударот кој доаѓа од слабите резултати на руската единица по години на реформи и кампањи во ки се вложени милијарди, пишува Ројтерс.
Од Росбанк соопштија дека отказот стапува на сила веднаш, а привремено ќе го замени неговиот прв заменик Игор Антонов. Новиот шеф треба да биде одобрен од страна на централната банка на Русија.
Голубков беше уапсен месецов, откако инспекторите го снимија со куп пари на масата во неговиот кабинет. Тој тврди дека е невин по обвинението за поткуп, поради кое може да добие до седум години затвор.
Овој случај на поткуп го покрена прашањето за стратегијата на Сосиете женерал, која плати скоро четири милијарди евра за купување на 82% од Росбанк. Подоцна се покажа дека банката не успева да го постигне очекуваниот профит во Русија.