SoundShirt – паметна кошула што им овозможува на глувите да “слушаат“ со допир

26

Компанијата CuteCircuit, со седиште во Лондон, создаде паметна кошула којашто на уникатен начин преку допир со кожата им овозможува на луѓето со оштетен слух да слушаат.

SoundShirt со помош на тактилни сензори вградени во самиот материјал ја пренесува музиката до корисникот. Кошулата има 30 микро-актуатори коишто го “преведуваат“ звукот во реално време во тактилен јазик, којшто е единствен за секое музичко парче.

“Виолините можат да се почувствуваат на рацете, додека тапаните на грбот“, велат од компанијата.

SoundShirt е создадена од специјални паметни и растегливи материјали, така што нема потреба од дополнителни жици. Корисникот воопшто не чувствува дека во кошулата има сензори, односно таа е сосема удобна за носење.

Нејзината цена е 3.387 евра, а моментално се продава во пакети наменети за музеи и оркестри, пишува Designboom.

Секој пакет содржи Q антена што овозможува пренос на звукот, осум микрофони, компјутер со инсталиран софтвер, аудио конвертер и паметна кошула.

Фото: CuteCircuit