Економист: Македонија е меѓу ниско задолжените земји

25

Според угледниот весник Економист, Македонија е релативно ниско задолжена држава. Интерактивната мапа на задолжени земји што на својата веб страница ја има објавено Економист, која е апдејтирана за септември, годинава, покажува дека Македонија, со јавен долг од 27,1% од својот бруто домашен производ, е меѓу најниско задолжените земји. На мапата на Економист Македонија е обоена со зелено, што покажува релативно ниска задолженост, додека црвената боја е резервирана за повисоко задолжените држави, а со таква боја е одбележана, на пример, Грција.

Во анализата на угледниот Економист се наведува дека зголемувањето на јавниот долг со себе носи поголем ризик од фискална криза и колку е тој поголем има поголемо влијание врз економската криза.

Според податоците што ги објави Економист, Македонија има долг од 2,7 милијарди долари, или 27,1% од БДП. Според весникот, во земјава, чии број на жители е 2,089 милиони, во просек, секој Македонец должи по 1.309 долари. Нашава земја е во друштво со Бугарија чиј јавен долг е речиси осум милијарди долари, но просечната задолженост по глава жител е 1.095 долари.

Грција има јавен долг од 419,99 милијарди долари, или 159% од вредноста на БДП. Словенија, која е исто така, членка на Европската унија, има проблеми со јавниот долг кој достигна ниво од 20 милијарди долари или просечно секој Словенец должи по 9.768 долари. Хрватска покажува висок јавен долг од 38 милијарди долари, односно 64% од БДП. Со јавен долг од близу 20 милијарди долари, Србија е земја чиј долг по глава жител е 2.743 долари. Задолженоста е на ниво 53,9% од вкупното производство, кое земјата го остварува на годишно ниво.

Бидејќи кризата произлегува од Европа, членките на ЕУ се потешко ги совладуваат предизвиците со задолженост. Една од најмоќните членки на ЕУ, Германија, има јавен долг од 2.795.305.464.481 долари или 82,5% од нејзината вкупна економска активност. Еден просечен Германец е должен по 34.227 долари.

Шпанија и Италија се црните точки на еврозоната, заедно со Грција. Еден Италијанец во просек има кредит од 40.833 долари, додека еден Шпанец треба да врати просечно 21.637 долари, покажуваат податоците на мапата на задолженост на Економист.