Спорт, музика, танц, јазици – луксуз, потреба или сè за доброто на детето

104

Часови по англиски јазик, танц, спортски активности, музика… сето тоа се активности коишто ги посетуваат децата откако ќе завршат со училишните обврски. Некои родители сметаат дека овие вонучилишни активности се посебно корисни за нивните деца, па затоа не жалат колку пари ќе одвојат. Други, пак, сметаат дека децата треба да бидат фокусирани на обврските на училиште, а слободното време да го искористат по своја желба.

Што и да сметаат родителите, сепак постојат одредени активности што се неизбежни за децата, па мора да се одвои одреден износ од семејниот буџет за таа намена.

Доколку во едно семејство има едно детенце, трошоците за училиште се некаде околу 3.000 денари. Ако има желба за танц, околу 1.000 или 1.500 денари треба да се одвои за таа активност, којашто ја развива грациозноста, моториката и држењето кај децата. Странските јазици, исто така, се важни за децата, па така може да се најдат приватни часови што се движат од 1.000 до 3.000 денари, во зависност од тоа што нудат приватните училишта за странски јазици.

“Оваа година имаме прваче во семејството. Колку што се радувавме на почетокот на учебната година, толку пребројувавме колку пари ни се потребни за да ги подмириме сите трошоци. Почнувајќи од ранец, до тетратки, прибор и други ситници… потрошивме околу 3.000 денари. Нашето дете веќе оди и на часови по англиски за коишто одвојуваме по 700 денари месечно. Тука се и часовите по танц од 1.200 денари… Големи се трошоците, но секогаш се трудиме да го обезбедиме најдоброто за нашите деца“, вели 33-годишната Маја.

Вонучилишните активности не се задолжителни, но сепак можат да им бидат од помош на децата. Останува на родителите да ја донесат соодветната одлука за своите деца и да одвојуваат пари за таа намена.

Фото: Pixabay