Србите на корона шопинг за три недели потрошиле 8,5 милиони евра

38

Домаќинствата во Србија, во период од 24-ти февруари до 15-ти март, на храна, пијалаци, лична хигиена и хемиски средства за домот, потрошиле 8,5 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани, пренесуваат српските медиуми.

Сапуните се едни од најбараните производи во Србија, веднаш зад шеќерот и брашното. Водечките трговски синџири во Србија го зголемиле своето пазарно учество во овие три недели, со раст на потрошувачката на домаќинствата за 20%, а трговските марки забележале поголема стапка на раст во однос на брендираните производи.

Во таканаречениот корона шопинг, учеството на производи купени на промоција се намали, а домаќинствата сочинети од помлади членови не прават толкави залихи од храна, како што е случајот со домаќинства во кои живеат постари лица.

Купувачите од Белград и Војводина трошеле малку повеќе пари за залихи, во споредба со домаќинствата во источна и јужна Србија.

Убедливо највисок раст, повеќе од 70% има кај брашното, шеќерот и сапуните, а потоа замрзнатиот зеленчук, конзервирана риба, јајца, тоалетна хартија, тестенини, замрзнато тесто и масло за јадење.

Фото: Pixabay